Универзитетски професор од Шведска имал огромна среќа што лаптопот му го украл совесен крадец.
Професорот си ја оставил чантата со лаптопот скриена зад врата во близина на неговиот стан за да може слободно да отиде до пералната во истата зграда. Кога се вратил, чантата ја немало.Но, не поминало долго време пред неговата чанта повторно да се појави на истото место, заедно со сите документи и кредитните картички. Единствено недостигал лаптопот.
Професорот бил многу разочаран, затоа што во својот лаптоп чувал податоци за целата негова работа во последните 10 години.
За среќа, една недела по кражбата, професорот добил USB стик на којшто биле снимени податоците од неговиот лаптоп.
„Кога луѓето ќе ги загубат своите компјутери или фотоапарати, разбирливо е дека самиот уред не е најважното нешто. Содржината која е во нив често е незаменлива“ – изјавил среќниот професор.
„Поради оваа приказна чувствувам дека има надеж за човештвото“ – додал тој.