Замислете дека се во дискотека одлично се забавувате, атмосферата на ниво, ве подига од подиумот, вообичаена диско атмосфера но кога зад пултот на диџејот стои бабичка, е тоа богами баш и не е вообичаено!
Просто да не ви се верува дека некој со толку години зад себе место да си игра со внучињата забавува десетици илјади народ!
Епа тоа е Ruth Flowers или mamy rock од Англија.
Таа вели дека има 69 години, но нашите извори велат дека е 4-5 години постара, а 69-ката и се видела симпатична па за јавноста си останала на истата бројка. Ова диџејско лудило на 14-ти мај ни доаѓа и во Скопје!
Сигурно се запрашувате што ја натерало да се будали на стари години? Се започнало на еден роденден на нејзиниот внук.Тој, бидејќи е закон бабичка ја поканил и неа, а таа со задоволство прифатила. Влегувајќи го клубот, заглавила кај вратарот кој не сакал да ја пушти.
Сигурно си помислил дека ја утнала вратата, па место кај комшивката на кафе, дошла во дискотека. Бабава успеала да влезе и место да ја фати паника од гужвите и светлата, се воодушевила од атмосферата и си рекла - јас станувам диџејка па мајка Јана! Или Баба Јана, во нејзиниот случај.На почетокот сите мислеле дека полудела на старост но паметните англиски продуценти веднаш намирисале кеш. Баба Рут веќе 6 години мрда илјадници задници низ светот и дава интервјуа за сите буквално најпознати медиуми во светот, меѓу кои наскоро ќе се вброиме и ние!!!
Прави спој на стари рок класици како „Ролинг стоунс“ со денешниве денс хитови. Блазе си му на внукот, сигурно е главна фаца, па наместо со баба му наутро на пазар оди навечер на журки. Едвај чекаме да дојде 14ти Мај.
Па може ќе ги натераме и бабите да дојдат со нас. Не за друго, генерација и се!