Далас го победи Мајами со 112:103 во третиот меч пред своите гледачи, поведувајќи со 3:2 во финалната серија на годинешното НБА првенство.
Далас во третиот период водеше со 9 поени разлика (80:71), но Мајами упорно го намалуваше водството на домашната екипа и на три ипол минути до крајот поведе со 95:99. Изгледаше дека ќе биде неизвесно до последната секунда бидејќи само на 2,5 минути до крајот беше израмнето (100:100), но тогаш играчите на Далас заиграа како во транс и направија серија од 12:3 за гледачите конечно да здивнат.
По кој знае кој пат Дирк Новицки беше најефикасен во Далас, овој пат со 29 поени и 6 скокови, сосема солиден беше Џејсон Тери со 21 поен и 6 асистенции, а добар учинок имаа и Џеј Џеј Бареа (17 п. 5 ас.), Тајсон Чендлер (13 п. 7 ск.) и Џејсон Кид (13 п. 6 ас.).
Во тимот на Мајами најефикасни беа Двејн Вејд (23 п. 8 ас.), Крис Бош (19 п. 10 ск.) и Леброн Џејмс (17 п. 10 ск. 10 ас.).
Серијата се сели во Мајами со евентуални два меча, а на Далас му е потребна победа барем на еден за првпат да го освои прстенот.