Американскиот актер и режисер Ал Пачино ќе ја добие специјалната награда „Слава за филмаџијата“ на овогодинешниот Венецијански филмски фестивал, објавија вчера организаторите на фестивалот.Наградата им се доделува на филмските работници кои оставаат „оригинална трага“ во современата кинематографија.
Ѕвездата на трилогијата „The Godfather“ со ова признание влезе во редот на поранешните добитници на оваа награда, како што се Силвестер Сталоне и Јапонецот Такеши Китано.
Пачино (71) наградата ќе ја прими на 4. септември, во очи на премиерата на неговиот нов филм „Wild Salome“ која ќе се случи на фестивалот.
Документарниот филм, во кој се зборува за драмската претстава „Salome“ на Оскар Валјд, е трето режисерско чедо на Пачино. Добитникот на Оскар за улогата во „Scent of a Woman“ овој филм го опиша како својот „најличен проект досега“, а во него Пачино има и улога - онаа на Ирод.
Пачино оваа недела беше номиниран и за наградата Тони за улогата во бродвејската продукција на делото на Шекспир „Венецијанскиот трговец“, кое имаше и своја филмска варијанта токму со Пачино во главната улога.
Директорот на фестивалот, Марко Милер, Пачино го нарече „сјаен режисер чие искуство е драгоцено и оригинално и го збогатува светот на современиот филм“.
Венецијанскиот филмски фестивал започнува на 31. август и ќе трае до 10. септември, пренесува ВВС.