Украинскиот град Припјат, познат како "Град на духовите", кој е само на три километри оддалеченост од најпознатата нуклeарка на светот Чернобил ќе биде официјално отворен за туристи.
Имено, пред 25 години, откако се случи една од најголемите светски трагедии, експлозијата на Чернобил, чии последици се чувствуваат до денешен ден, владата ги алармираше и евакуираше сите жители на Припјат, оставајќи го градот напуштен и руиниран.Некогаш Припјат беше место за живеење посебно изградено за работниците во електраната и нивните фамилии, а денес е еден од најпосетените украински градови, со речиси 6.000 туристи кои доаѓаат на туристички тури низ овој напуштен град.
Градот е на два часа оддалеченост од Киев каде може да се земе туристички водич за тура во зоната на радиоактивно зрачење, вклучувајќи ја и тн. мртва зона-подрачјето на радиус од 30 километри од центарот на зрачењето.Турата вклучува фотографирање на недовршените кули за ладење и 'рѓосаните нуклеарни реактори, а дозволено е и фотографирање на статуата посветена на пожарникарите кои загинале во Чернобил.
Туристите се опремени со Гајгерови бројачи кои постојано го мерат нивото на радиоактивност, која се движи од безопасните 10 микрорендгени во Припјат, до 200 микрорендгени пред фамозниот реактор број 4.После четири часови разгледување посетителите мораат да ја проверат изложеноста на зрачење, ако трепери зеленото светло значи дека нема радијација и туристот може да си оди.
Сепак, овие тури не се ефтини - се движат од 400 долари за поединечен излет и 150 долари за групна посета.