Американскиот актер Џони Деп изјави дека не е сигурен дали ќе го снима и петтото продолжение на хитот „Pirates of the Caribbean“, пишуваат американските медиуми.
Деп за Hollywood Reporter проговори за иднината на популарниот серијал, со тврдење дека не е сигурен оти ќе се врати на снимањето на продолжението по премиерата на четвртото продолжение „Pirates of the Caribbean: On Stranger Tides“ во втората половина на мај.
„Да почекаме да ја видиме приказната и кој ќе биде режисер. Тоа не е нешто за кое би можел да кажам: ’Ајде да снимиме филм наредниот месец’, за премиерата да му биде на Божик 2012 година. Треба да почекаме. Филмот треба да биде посебен, како што ми е мене“, вели Деп на прашањето дали ќе ги снима и петтите „Пирати“.
Актерот неодамна соопшти дека се повредил на снимањето на последниот филм и додаде дека морал да работи повреден, за да се испочитува распоредот на снимањата.