Во Т.Д Арената во Мемфис, Гризлите на полувремето имаа заостаток од 10 поени (44:54) против Оклахома Сити Тандер, но одиграа едно од своите најдобри втори полувремиња оваа сезона.
Вториот дел Мемфис го доби 51:29, за севкупна победа од 95:83. Со тоа се избори за право на седми нокаут меч, кој сепак ќе се игра во Оклахома Сити.
Откако Гризлите играат во Мемфис (2002 г.) четири пати испаднаа со по 0:4 во првиот круг, ова им е прв настап во конференциско полуфинале, а сега имаат шанса и за финалето.
Зек Рендолф беше најдобар поединец во Мемфис со 30 поени и 13 скокови, Мајк Конли оствари дабл дабл (11 п. 12 ас.), а О’ Џеј Мајо додаде 16 кошеви во победата. Марк Гасол имаше овој пат само 8 поени, но и 9 скокови.
Во екипата на Оклахома, Расел Вестбрук беше најефикасен со 27 поени, но имаше дури 5 загубени топки. Џејмс Харден запиша 14 поени, 6 скокови и 5 асистенции зад своето име. Кевин Дурант играше под своето ниво со 11 поени и 7 скокови.