Италијанските експерти веруваат дека го пронашле местото каде е закопана дамата од познатата слика на Леонардо да Винчи, Мона Лиза.
Според лондонски “Телеграф“, експертите по двонеделно истражување со помош на гео радар и стари мапи и документи, пронашле крипта во еден напуштен манастир.
Потрагата за гробот на Мона Лиза, за која се верува дека е мистериозната жена која пред 500 години му позирала на познатиот италијански уметник, ја предводи контроверзниот професор, новинар и писател Силвано Винчети.
Криптата била пронајдена на подот на манастирот Санта Орсола во Фиренца откако бил тргнат бетонскиот слој кој го покривал стариот под од цигли.
“Пронајдовме не една, туку две крипти и убедени сме дека во една од нив се наоѓаат посмртните останки на Мона Лиза“, изјавил професорот Винчети, додавајќи дека археолозите ќе мораат да работат уште неколку дена пред да стигнат до дното на гробот и да го отворат.