Фронтменот на еден од најпопуларните бендови во историјата „Ролинг Стоунс“ - Мик Џегер позитивно ја искористи паузата на групата, и формираше нова.Во неа, музичар до музичар. Џегер ќе го дружи соул-пејачката Џос Стоун, поранешниот член на „Јуритмикс“ - Дејв Стјуарт и реге-музичарот Демијан Марли. Името на бендот ќе биде „Супер Хеви“.
„Се споивме и одлучивме да влеземе во студио, да се позабавуваме малку и да видиме што ќе излезе“, кажа за NME фронтменот на Стоунси. „Не знаевме каква музика ќе направиме. Знаевме само дека ќе се смееме“.
Во „Супер Хеви“ ќе членува и А.Р. Рахман, композиторот добитник на Оскар за најдобра музика во „Slamdog Millionaire“ и „127 Hours“. „Јас и Дејв Стјуарт си помисливме: 'Ајде да му се јавиме на Рахман, тој е во градот, ќе биде поразлично', и така додадовме уште еден член во бендот“, кажа Џегер.
Во врска со песните кои ги снимаат Џегер вели: „Имаме реге-песни, но исто така и рок, балади и соул музика. Направивме дури и една Урду песна, која има многу весели, танцувачки моменти“.
Во меѓувреме, изгледа дека повратничката турнеја на „Ролинг Стоун“ ќе почека, бидејќи нејзиниот фронтмен е зафатен со новиот бенд, за кој вели: „Доколку им се допаднеме на луѓето, ќе направиме и турнеја. Но,
доколку не, само ќе свириме“.
Претходно Џегер и Стјуарт имаат работено заедно во многу прилики низ годините, како што се небројни и соработките на Џегер со Стоун.