Gentleman, неуморниот предводник на новата реге генерација, ќе настапи повторно во Скопје на 17ти мај, во организација на Password Production. Tilmann Otto ака Gentleman, овој пат ќе одржи самостоен концерт во клуб Колосеум во склоп на турнејата за неговиот петти албум „Diversity“.
36 годишниот Германец навлечен на реге звукот со кој ja освои светската публика и веќе 10 години е речиси постојано букиран на светски турнеји, со повеќе од 1000 настапи во живо и бројни награди, денес е еден од најпознатите реге музичари. Со музика креирана да ја подигне политичката и социјална свест, исполнета со искрени емоции, Tilman Otto е длабоко хуман артист, чии хитови прераснуваат во модерни класици на реге жанрот.
Настапот во Скопје е дел од европската турнеја која стартуваше на 12ти април, во чиј склоп се закажани 50 концерти низ европските метрополи, додека на 27ми април фановите ги очекува објавувањето на нови live DVD и CD, „Diversity Live“. Ова ќе биде втора средба на Gentleman со македонската публика после гостувањето на Таксират 12.
Како што вели неговото име и насловите на песните, со Џентлмен секогаш има доволно простор за вистинска љубов, толеранција и разбирање. Респект за Gentleman!
Концертот во клуб Колосеум е закажан на 17ти Мај, вторник, во 20:30 часот.
Цената на влезниците во претпродажба е 400 денари (500 ден. на денот на концертот) и истите може да ги набавите во:
www.mktickets.mk , Југотон, Чакра, Custom Pub, Браво, Круг Аеродром, Љубов, Ultra Design Shop и Флуид.Љубовта кон реге музиката за Тилман Ото (гер. Tilmann Otto) започнува кога на 16годишна возраст во 1991. година, за прв пат ја посетува Јамајка и оттогаш таму редовно престојува, што се одразува и во неговата музика. Gentleman денес е синоним за лидер на новиот калап на реге изведувачи со меѓународни поврзувања, но Јамајка останува да биде силен магнет за него и секогаш ја посочува како негов втор дом.
Во почетоците на кариерата како диџеј неговата музика е ориентирана кон класичната форма на реге звукот, особено на стилот на Боб Марли. Песните како „Send a Prayer“ ја претставуваат неговата верба во Бог, но и неговата желба за колективност, а не традиционална религија. Неговиот развој во музичката кариера почнува со соработката со групата Freundeskreis, со кои ја снима песната „Tabula Rasa“ и која завршува на високото 11то место на музичките скалила. После тоа, во 1999. година излегува неговиот албум првенец „Trodin On“ со кој е обележан зачетокот на новата реге сцена во Германија.
Благодарение на познанствата во круговите на јамајканските реге уметници, Gentleman на својот втор албум „Journey To Jah“ обезбедува гостување на угледни музичари како што се Bounty Killder,Capleton, Luciano и Mikey General. Албумот „Confidence“, од 2004. година, му носи голем успех и завршува на прво место на музичките скалила, додека „Superior“, синглот од истиот албум, прераснува во голем светски реге хит. Како и претходно, и на овој албум гостуваат најдобрите реге ѕвезди какоAnthony B, Ras Shiloh, Tony Rebel и Barrington Levy, што е доказ за популарноста на Gentleman на Јамајка.
За квалитетот на неговите песни сведочат и бројните номинации и награди, па така во 2004. година е номиниран во категоријата „Best New Reggae Artist“ на доделувањето на Martin Awards во Њу Јорк, како и на доделувањето на „Reggae & Soca Awards“ во Мајами. Во 2005. година доделена му е „Echo“наградата за најдобар германски изведувач, а изминатата година беше номиниран за најдобар германски артист на „MTV EMA 2010“.
Албумот „Diversity“, последен во низата, кој излезе минатата година и се најде на првото место на германската топ листа на најпродавани албуми, дополнително го зацврстува статусот на Gentleman како европска реге ѕвезда. Насловот на албумот алудира на „разноликост на видовите“, сугерирајќи на фактот дека Gentleman со музичкиот избор и стил, ги надминува границите на жанрот, создавајќи специфично дело со длабоки музички и идеалистички реге корени, повикувајќи на толеранција, солидарност и взаемна почит.
Genleman денес се вбројува во најбитните реге артисти вон Јамајка. За себе знае да каже дека е љубител на секоја музика која доаѓа од срцето, но дека реге звукот, особено рутс реге музиката содржи голема вистина во своето интерпретирање. Албумите на Gentleman се ретки европски реге албуми и од аспект на тоа како се отсвирени. Критиката го оценува неговото дело како музика која бара повеќе интензитет на секоја интерперсонална средба.