Актуелниот првак Лос Анџелес Лејкерс нема да ја брани титулата оваа година. Потонаа торпедирани од Далас во конференциското полуфинале на западот.
Последниот натпревар за вкупна победа од 4:0, Маверикси го добија во Америкен Еирлајнс Арената со 122:86. Кошот на Лејкерси беше полнет како торба. Дека тимот на легендарниот стратег Фил Џексон и на неповторливиот Коби Брајант нема изгледи, навестија Маверикси уште во втората четвртина која ја добија со 36:16, па на полувремето Тексашаните заминаа со 63:39 што се покажа недостижно за шампионите кои сите четири меча ги одиграа слабо.
Јунакот на претходните три меча Дирк Новицки „одмораше“ со само 17 поени и 7 скокови, но затоа Џејсон Тери постигна 32 поени, Џиј Џеј Бареа прокнижи 22 поени и 8 асистенции, а Предраг Стојаковиќ по долго време одигра добар меч со 21 поен, шутирајќи за тројка стопроцентно – шест од шест.
Кај Лејкерси Коби Брајант имаше само 17 поени, а Шон Браун 15. По Гасол заврши со прескромни 10 поени, 8 скока и 6 асистенции. Сето тоа не беше доволно за спротивставување на разиграниот тим од Тексас.
Атланта во источната конференција, во својата Филипс Арена го совлада Чикаго со 100:88 и израмни во серијата на 2:2. Натпреварот беше одлучен во последната четвртина во која Чикаго влезе со минимални два поени разлика (67:69), но која и припадна на Атланта со 33:19.
Најдобар поединец во домашната екипа беше Џош Смит со 23 поени 16 скока и 8 асистенции, Џо Џонсон додаде 24 поени и 5 асистенции, а Ал Хорфорд 20 поени и 5 скокови за победничкиот тим.
За Биковите Дерик Роуз одигра добар натпревар со 34 поени и 10 асистенции, Карлос Бузер имаше учинок од 18 поени и 6 скокови но тоа беше недоволно за победа.