Непалскиот шерпас Апа го подобри својот рекорд за најмногу искачувања на највисокиот врв на Земјата, Монт Еверест,пренесоа американските медиуми.
Апа (50) ја покори „шапката на светот“ по 21-ви пат.
Шерпасот и луѓето од неговата екипа се искачувале во текот на целата ноќ и утринава, пред претпладево да се качат на Монт Еверест, висок 8848 метри.
Апа, кој од пет години живее во САД, во предградие на Солт Лејк Сити, за прв пат го освои врвот во 1989 година. Оттогаш тој ова свое постигнување го повторува речиси секоја година.
Целта на годишената експедиција на шерпасот беше да го исчисти Монт Еверест од отпадоците, оставени од алпинисти. Апа одамна води кампања против влошувањето на состојбата на хималајските врвови како резултат на глобалното затоплување, човековата активност и други проблеми.
Тој раскажува дека кога пред 20 години за прв пат се искачил на Монт Еверест, патот кон врвот бил послан со снег и мраз, додека сега е посејан со голи скали. Мразот што се топи, освен тоа, отворил длабоки пукнатини, поради што експедициите стануваат се поопасни.