Првутот е еден од најголемите непријатели на убавиот изглед на косата. Малите бели лушпи кои наликуваат на снегулки се лесно видливи и создаваат непријатен и неестетски изглед, па предизвикуваат срам кај луѓето. Освен тоа, првутот е виновник и за појава на иритирачко чешање и раздразнување на кожата на скалпот.
Проценето е дека околу 60% од луѓето се соочиле со проблемот првут во одреден период од животот. Првутот може да се појави на било која возраст по завршувањето на пубертетот, но неретко се појавува и за време на пубертетот. Се смета дека мажите почесто страдаат од првут отколку жените.Причините за појава на првут се најразлични. Лупењето на кожата на скалпот може да биде предизвикано од агресивните производи за коса, од бактерии, габички, небалансирана исхрана, од хормоните, а не е исклучено првут да се појави и поради стрес.
За среќа, првутот не е нерешлив проблем. Едноставно треба да бидете упорни и да го пронајдете најдоброто решение за вас.
13 СОВЕТИ КОИ ЌЕ ВИ ПОМОГНАТ ВО БОРБАТА ПРОТИВ ПРВУТОТ
Минимизирајте ја употребата на производи за стилизирање на косата. Геловите, пените и спреовите за стилизирање на косата можат дополнително да го иритираат скалпот и да ја влошат состојбата со првутот. Некои од нив може и да ја предизвикаат самата појава на првут. Ако се сомневате дека одреден производ може да ви причинил првут, целосно стопирајте ја неговата употреба за да видите дали ќе се подобри состојбата.
Мијте ја косата најмалку 3 пати неделно. Ако имате мрсен скалп, потребно е да ја миете косата скоро секој ден. Но, ако имате сува кожа на скалпот, тогаш мијте ја косата 3 пати неделно.
Користете шампон против првут. Првиот чекор при отстранувањето на непријатните бели лушпи од косата е користењето на шампон со таа намена. На некои луѓе едни шампони им помагаат повеќе, а на други помалку. Затоа, потребно е малку да експериментирате за да пронајдете соодветен производ за вас. Особено се препорачуваат шампоните и сапуните на база на катран.
Ротирајте ги шампоните против првут. Многумина пронаоѓаат шампон кој им го отстранува првутот и по извесен период забележуваат дека шампонот веќе не е толку ефективен и дека првутот повторно се враќа. Причината за тоа е што може да се развие резистентност кон активните состојки на шампонот и поради тоа да се намали неговото дејство. Решението е да се менуваат 2-3 шампони од различни марки. Менувајте го шампонот секој месец.
Повремено користете и нежен шампон. Ако се плашите дека шампоните против првут се многу силни, можете од време на време да користите и нежен бебешки шампон.
Секогаш шампонирајте ја косата двапати. Со првото измивање ќе се ослободите од мртвата кожа на скалпот. Кога вториот пат ќе нанесете шампон, оставете го да дејствува 5 минути, а потоа измијте со вода.
Масирајте го скалпот. Додека имате ставено шампон на косата, масирајте го скалпот со јагодиците на прстите. Со масажата ќе ја зголемите циркулацијата.
Користете млака вода и измивајте темелно. За миењето на косата користете млака, а не ладна или жешка вода. Многу луѓе тврдат дека млаката вода им помага да се намалат симптомите. Секогаш плакнете ја косата темелно за целосно да го отстраните шампонот или регенераторот.
Мијте ја косата по вежбањето. Не дозволувајте потта да стои долго време на вашата глава. По вежбањето, веднаш упатете се кон бањата.
Одолејте ѝ на желбата да се чешате. Никогаш не се чешајте, особено не со ноктите. Агресивното чешање го раздразнува скалпот и создава рани на кожата.
Изложувајте се умерено на сончева светлина. Сончевите зраци го намалуваат воспалувањето на кожата на скалпот. Можеби токму затоа во лето луѓето имаат помали проблеми со првутот. Но, изложувањето на сонце треба да биде умерено.
Намалете го стресот. Стресот може да е виновник за појавата на првут или за влошување на состојбата. Научете да го контролирате стресот во вашиот живот за да се ослободите од првутот, но и за да го зачувате вашето целосно здравје.
Чистете го чешелот или четката пред секое користење. Чешлајте се редовно и секогаш со чиста четка или чешел.
КАКО ДА СЕ ОСЛОБОДИТЕ ОД ПРВУТОТ НА ПРИРОДЕН НАЧИН?
Кога се борите против нешто толку досадно и упорно како првутот, потребно е да ги искористите сите оружја кои ви стојат на располагање. Некои од нив се кријат во вашата кујна, па нема причина зошто да не ги употребите.
Оцет. Наполнете една чаша со еднакви количества оцет и вода и потурете го скалпот. Можете и да искористите распрскувач за рамномерно да ја нанесете течноста на скалпот. Завиткајте ја косата во крпа и по половина час измијте ја. Препорачливо е да користите јаболков оцет. Правете го ова 2 пати неделно.
Сок од лимон. Сокот од лимон може да ви помогне да ги отстраните досадните бели лушпи и да ѝ дадете на косата прекрасен сјај. Едноставно исцедете еден лимон во половина бокал вода и со него потурете ја косата во текот на последното измивање додека се туширате. Користете сок од лимот 2-3 пати неделно.
Сок од јаболко. Измешајте 2 лажици свежо исцеден сок од јаболко со 2 лажици топла вода. Со помош на памучен тампон нанесете го тоникот на целата глава и оставете го да делува 20 минути. Измијте со млака вода. Негувајте го скалпот со сок од јаболко барем еднаш неделно.
Маслиново масло. Затоплете мала количина маслиново масло. Со него премачкајте го скалпот (добро е и да го нанесете низ целата коса) и масирајте. Завиткајте ја косата во фолија, оставете го маслото да делува 15-30 минути, а потоа измијте ја косата со шампон.
Маслиново и бадемово масло. Измешајте еднакви количества маслиново масло и бадемово масло. Нанесете ја смесата на косата и оставете ја додека не почувствувате топлина на скалпот (15-20 минути). Потоа, измијте ја косата со шампон.
Маслиново масло и рузмарин. Во тегла ставете една чаша маслиново масло и додајте една лажица рузмарин. Затворете ја теглата и оставете ја два дена на светло место, за да може до неа да допираат сончевите зраци. Исцедете го маслото за да го отстраните рузмаринот. Еднаш неделно со маслото премачкајте го скалпот и нанесете на косата. Завиткајте ја косата со крпа потопена во топла вода и оставете ја да стои половина час. На крајот, измијте ја косата со шампон и млака вода.
Сода бикарбона. По миењето на косата, земете во дланката малку сода бикарбона и нежно втријте ја во корените на косата. Оставете да дејствува 2 минути и исплакнете ја косата со млака вода. Правете го ова 2 пати неделно.
Масло од чајно дрво. Капнете 2-3 капки масло од чајно дрво во шампонот што нормално го користите за миење на косата. Откако ќе го нанесете на главата, масирајте нежно и оставете го да дејствува 5 минути. Потоа, измијте со млака вода.