Старо-новиот фудбалски првак на Шпанија, Барселона, веќе го договорил своето прво ново засилување за наредната сезона, пишуваат шпанските медиуми.
Според информациите на шпанскиот печат, „каталонците“ веќе постигнале договор со тимот на Спортинг Хихон за младиот дефанзивец Хозе Анхел.
Доколку целосно сака да го реализира трансферот на Анхел, Барселона ќе мора да плати четири милиони евра за 21-годишниот лев бек, а договорот на играчот ќе вреди четири години.
Во спротивна насока, на позајмица во Спортинг Хихон би требало да замине Марк Муниеса.
Хосе Анхел во текот на зимскиот преоден рок беше посакуван од страна на Фиорентина, но раководството на клубот од Хихон одлучи да го задржи до крајот на сезоната во борбата за опстанок во Ла Лига.
Се очекува денеска да бидат утврдени сите детали за договорот откако генералниот директор на Спортинг, Алфредо Гарсија Амадо, ќе пристигне во каталонската престолнина да го финализира трансферот.