Највисоката зграда на светот, 1,6 километри високата „Kула на кралството“ (Kingdom Tower) ќе биде изградена во западна Саудиска Арабија, известуваат арапските медиуми.
Облакодерот, кој се очекува да чини околу 30 милијарди долари, ќе биде подигнат во Обхур, околу 30 километри северно од градот Џеда на источниот брег на Црвеното море. Ќе бидат потребни цели 12 минути за искачување до врвот на зградата со лифт. Проектот предвидува и изградба на мала населба од 14 квадратни километри околу „Кулата на кралството“, во која ќе можат да се сместат 80.000 жители и околу еден милион посетители.
„Кулата на кралството“, во која ќе има канцеларии, хотел и станбени делови, ќе биде речиси двојно повисока од највисоката зграда во светот, 800 метри високата „Бурџ Калифа“ во Дубаи. Кулата, исто така, Ќе го надмине и „Накил пристаниште и кула“ во Дубаи, кое требаше да биде високо околу еден километар, но изградбата засега е сопрена.