Аренби дивата Бијонсе, позната како креативен воркохолик сними дури 72 песни за најновиот, четврти албум по ред, едноставно наречен „4“. Неможејќи да се одлучи за песните кои ќе одат на албумот, моментот на одлука им го остави на одговорните од Колумбија Рекордс.
„Луѓето од Колумбија Рекордс секогаш ја оставаат Бијонсе да си ја врши својата работа, не сакајќи да се мешаат кога прави албум. Затоа овој пат тие не беа подготвени за обемниот материјал, кој таа им го презентираше. Таа очигледно била многу продуктивна. Сега имаат тешка работа, бидејќи треба да поминат низ целата музика и да одлучат што ќе прават со албумот“, кажа извор за The Sun.
Во интервју за Billboard пејачката кажа: „Снимив повеќе од 70 песни: се што некогаш сакав да направам, го направив. Ме инспирираше Фела Кути, нигериската музичка легенда. Јас всушност работев со бендот од Фела (мјузиклот посветен на животот на музичарот) и она што го научив од Фела е слобода на артистот“.
Околу името на албумот Бијонсе кажа: „Каде и да се свртев го викаа 4. Имав сосем друго име и концепт, но видов дека и фановите го сакаат името 4. Мислам дека е супер работа да им оставам ним да го одредат името“.
Како и да е, одговорните на издавачката куќа ќе имаат време за одлучување, бидејќи албумот е најавен за крајот на годината. Последниот албум на Бијонсе - „I am... Sasha Fierce“ беше објавен во 2008. година, а доживеа милионски тираж и четири Греми награди, од осумте добиени номинации.